Партизан Водно Санс успеа да се избори за „мајсторка“ во полуфиналето од Втората лига против Феникс 2010 откако славеше во вториот натпревар од серијата со 72-71 во неизвесна завршница. Пресудно за добивање на натпреварот беше одличната одбрана на „црно-белите“ кои не дозволија поени во последните две минути од натпреварот, а притоа постигнаа седум поени за целосен пресврт и одржување на сонот за пласман во „елитата“ следната сезона.
Домаќините подобро го отворија натпреварот и стигнаа до предност од 24-18 по првите 10. минути од мечот. Феникс возврати на почетокот на втората четвртина и го превзема водството, но завршницата на првото полувреме им припадна на кошаркарите на Водно Санс кои ја дополнија предноста по 20. минути игра (43-35). Гостите блеснаа во одбраната на во третата четвртина во која дозволија само осум поен на домаќинот, притоа постигнувајќи 20 за водство пред одлучувачката четвртина (51-55).
Избраниците на Дервишевиќ продолжија да ја одржуваат предноста и во последната четвртина, беа на прагот да изборат финалето кога на две минути до крајот имаа предност од 65-71, но не успеаја да реализираат до финишот на средбата, а тоа го искористија домаќините кои со серија од 7-0 стигнаа до посакуваната победа.
По изедначување на серијата, „мајсторка“ ќе го одлучи вториот патник во финалето каде чека тимот на Ангели кој денеска славеше против Чаир 2030 и веќе го осигура своето место во „елитата“ следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА