ВЛМ: „Стотки“ за Феникс и Чаир, трилерот во Тетово за Тетекс, Ангели „уловени“ во Велес

Изминатиот викенд активни на паркетите ширум Македонија беа и второлигашите кои одиграа седум од предвидените десет натпревари од 14. коло.

Во групата „Исток“ Феникс 2010 забележа убедлива победа од 103-56 над Куманово 2 со што избраниците на Дервишевиќ се изедначија на првото место на табелата со составот на Ангели со скор од 12 победи и 2 пораза, по поразот на скопската екипа на гостувањето во Велес против Борец Баскет (71-48). Незапирлив кај велешани со 29 поени беше Стојменов, додека него го следеа Котевски со 14 поени, Брчков со 12 и Карталовиќ кој натпреварот го заврши со 10 поени.

Од истата група до победа стигна и МКК Куманово кој славеше на гостувањето против Ролинг 08 со 57-88, додека одложени беа натпреварите помеѓу Струмица и Про Баскет, односно Баскет КАМ и Шкупи.

До сто постигнати поени во групата „Запад“ стигнаа и кошаркарите на Чаир 2030 кои славеа на домашен терен против Спарта со 100-67, со што скопскиот состав остана единствениот тим кој оваа сезона има само еден пораз. На чаирчани во прилог им оди и поразот на ГКК Охрид на гостувањето против Пелистер Медика карта (71-66).

Еден од најинтересните натпревари беше одигран во Тетово каде на Тетекс и Хераклеа им беа дополнителни пет минути. Во регуларниот дел резултатот изнесуваше 69-69, а по голема борба на победа од 79-75 се радуваа домаќините. Неизвесен беше и натпреварот во Неготино каде Спорт Тим стигна до победа од 78-75 над Мега Баскет.

 

Се вчитува...