Баерн Минхен цела сезона има проблеми со повредите на стандардни првотимци, тренд што продолжи и по синоќешното гостување против Арсенал во четвртфиналето од Лигата на Шампионите. Серж Гнабри неодамна се врати од повредата, беше стрелец и против Хајденхајм и против Арсенал, но крилниот офанзивец синоќа во Лондон заработи нова повреда и мораше предвреме да го заврши мечот.
По враќањето во Минхен врз германскиот репрезентативец беа извршени детални прегледи кои не донесоа ништо добро за Томас Тухел и неговиот стручен штаб.
Баварскиот клуб преку соопштение обелодени дека Гнабри има кинење на мускулни влакна на ногата. Притоа, не е наведено колку ќе изнесува паузата (се шпекулира со најмалку три седмици), но повеќе од јасно е дека тој нема да може да помогне на реваншот со Арсенал што ќе се игра следната среда во Минхен.
Покрај Гнабри, реваншот ќе го пропушти и левиот бек Дејвис, чиј жолт картон во Лондон значеше и автоматска суспензија од еден натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА