Челниците и фудбалерите на Барселона се бесни по одлуката на Дисциплинската комисија да го казни Серхио Рамос со само еден натпревар неиграње поради црвениот картон заработен на вечното дерби што се одигра изминатиот викенд.
Рамос грубо стартуваше врз Лионел Меси и доби директен црвен картон, а при излегувањето од теренот влезе во конфликт и со Жерар Пике. Каталонците потсетија дека Нејмар пред дваесетина дена доби суспензија од три натпревари и бараа ригорозна казна и за капитенот на „кралевите“, но дисциплинците решија дека казната од еден меч неиграње е доволна санкција за шпанскиот репрезентативец.
Интересно, Реал Мадрид испрати жалба на црвениот картон на Рамос со образложение дека немало контакт меѓу него и Меси, но истата беше одбиена со образложение дека иако навистина не дошло до контакт, бруталниот старт сам по себе бил доволна причина за да биде покажано исклучување.
Ова значи дека одличниот дефанзивец ќе го пропушти утрешното гостување против Ла Коруња, но ќе биде во тимот за саботниот дуел на домашен терен против Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА