Во Барселона започнаа првите претсезонски тестови на Формула 1. Болидите од новата генерација за првпат ќе се појават на патеката. Првите претсезонски тестови ќе се одржат од денес до петок (25 февруари) на патеката „Каталуња“ во Шпанија.
Болидите изгледаат различно во однос на претходните сезони. Токму техничките промени во изгледот на болидите треба да донесат рамноправна борба на патеките во најбрзиот циркус во светот. Денес нема да тестираат сите возачи. Ред Бул ќе вози само со Макс Ферстапен, Ландо Норис ќе го тестира новиот Мекларен, зад воланот на Алпин ќе биде Фернадо Алонсо, а Јуки Цунода ќе го тестира Алфа таури.
Останатите тимови ќе ги испробаат новите болиди со возачите кои ќе возат во новата сезона, исклучок е само Алфа Ромео. За овој тим покрај Валтери Ботас че тестира Роберт Кубица. Големо внимание привлекуваат и боите на болидите. Алпин, поради новиот спонзор, има розева боја, која потсетува на бојата која доминираше во минатото кај Форс Индија. Алфа Ромео тестира во необични бои. Мерцедес по две години ја вратија сребрената боја, додека на прво гледање, најубаво изгледа болидот на Ферари.
Вторите тестови се закажани за периодот 10-12 март во Бахреин, додека на 20 март ќе биде организирана и првата трка од новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА