Македонија во сабота ја очекува двојна програма против Италија на највисоко можно спортско ниво. Покрај фудбалската репрезентација која од 20:45 часот игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје против Италија во квалификациите за ЕП 2024, одбојкарската репрезентација ја очекува осминафиналната пресметка на Европското првенство 2023.
Македонските одбојкари против најголемиот фаворит за освојување на европската круна Италија ќе играат во сабота (9. септември), од 18 часот во спортскиот комплекс „Палафлорио“ во Бари.
Спортскиот центар Палафлорио е еден од најмаркантните во јужна Италија, со капацитет од 6.000 седишта кој дефинитивно ќе биде исполнет до последното место за осминафиналето против Македонија.
Во останатите осминафинални натпревари кои ќе се играат во Бари ќе се сретнат и Холандија – Германија (9. септември, 21 ч.), Србија – Чешка (10. септември, 18 ч.) и Полска – Белгија (10. септември, 21 ч.).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА