Светската фудбалска организација ФИФА објави дека ќе подели 1,5 милијарда долари на националните федерации за да помогне на сите оние кои се погодени од кризата поради коронавирусот.
„ФИФА едногласно го одобри планот за помош, во висина од 1,5 милијарди долари. Клубовите и федерациите се во сериозна опасност, во одредени региони воопшто не е продолжено да се игра фудбал. Сепак, ќе вршиме и строга контрола за употребата на средствата“, изјави првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.
Според првичните информации, секоја национална федерација, меѓу кои и Фудбалската Федерација на Македонија, може да добие донација од еден милион долари за помош во време на коронавирусот, како и дополнителни 500.000 долари кои би морале да се потрошат исклучиво за развој на женскиот фудбал.
Останатата помош ќе биде достапна во форма на бескаматни позајмици кои можат да достигнат и до 35% од приходите на секоја федерација, при што минималниот износ е 500.000 долари, а максималниот пет милиони долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА