Во Гент по продолжување на уште еден РЕКОРД: Атак на 14-ти едноподруго натпревар во низа со постигнат гол!

Оваа генерација македонски репрезентативци, предводена од Благоја Милевски, без сомнение ќе остане запаметена во аналите на македонскиот фудбал по бројните рекорди соборени низ еден од најдобрите периоди на националниот тим во историјата.

Вечерва во Гент, пак, против една од најдобрите светски селекции Белгија, Македонија ќе бара продолжување на уште еден рекорд во низата – атак на 14-ти едноподруго официјален натпревар во низа со постигнат гол!

Почнувајќи од 17 ноември 2023 година и оној гостински пораз од Италија од 5-2, Македонија на 13 едноподруго натпревари во официјалните натпреварувања на ФИФА и УЕФА има барем по еден постигнат гол на меч, што е убедливо најдолга низа во историјата.

Претходната најдолга низа на постигнат гол на официјални мечеви беше – 9 натпревари во квалификациите за СП 2018 и Лигата на нации 2018. Пред тоа, пак, на листата најдолги низи со постигнат гол е онаа од квалификациите за ЕП 2004 и квалификациите за СП 2006 – 7 едноподруго натпревари.

============================================

РЕКОРДНАТА НИЗА ОД 13 ОФИЦИЈАЛНИ НАТПРЕВАРИ НА КОИ МАКЕДОНИЈА ИМА ПОСТИГНАТ БАРЕМ ЕДЕН ГОЛ (ОД НИВ 12 ЕДНОПОДРУГО НАТПРЕВАРИ БЕЗ ПОРАЗ)
17.11.2023: Италија – МАКЕДОНИЈА 5-2 (стрелци: Атанасов – два)
20.11.2023: МАКЕДОНИЈА – Англија 1-1 (Барди)
07.09.2024: Ф. Острови – МАКЕДОНИЈА 1-1 (Барди)
10.09.2024: МАКЕДОНИЈА – Ерменија 2-0 (Барди, Миовски)
10.10.2024: Летонија – МАКЕДОНИЈА 0-3 (Атанасов, Ќамили, Елмас)
13.10.2024: Ерменија – МАКЕДОНИЈА 0-2 (Миовски, Алими)
14.11.2024: МАКЕДОНИЈА – Летонија 1-0 (Серафимов)
17.11.2024: МАКЕДОНИЈА – Ф. Острови 1-0 (Миовски)
22.03.2025: Лихтенштајн – МАКЕДОНИЈА 0-3 (Трајковски, Муслиу, Миовски)
25.03.2025: МАКЕДОНИЈА – Велс 1-1 (Миовски)
06.06.2025: МАКЕДОНИЈА – Белгија 1-1 (Алиоски)
09.06.2025: Казахстан – МАКЕДОНИЈА 0-1 (Трајковски)
07.09.2025: МАКЕДОНИЈА – Лихтенштајн 5-0 (Елмас/ Бухел(аг), Барди, Чурлинов, Ќамили, Станковски)

=============================================

СИТЕ СОБОРЕНИ РЕКОРДИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ИЗМИНАТИВЕ ДВЕ ГОДИНИ

  • Шест натпревари со победа во низа и без примен гол, што е убедливо најдолга низа во историјата!
  • Рекорд на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од 12 едноподруго натпревари без пораз (осум победи и четири ремија) во официјален натпреварувачки систем на ФИФА и УЕФА.
  • Најдолга низа на постигнат гол на официјални натпревари – 13 средби едноподруго со барем еден постигнат гол на натпревар!
  • Голманот Столе Димитриевски го држи и апсолутниот рекорд на несовладливост во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, со 711 минута со незатресена мрежа.
  • Македонија, без пораз со феномененален учинок во групата, за првпат во историјата се избори за место во Б-дивизијата (втор по квалитет сегмент во Европа) од Лигата на нации!
  • Македонија, за првпат во историјата вторпат едноподруго е речиси со сигурно обезбеден бараж за пласман на Светско првенство.
  • Селекторот Боби Милевски по цели 30 години го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Милевски го држи и тој рекорд од македонските селектор, со шест едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
  • Со последната победа над Лихтенштајн, Македонија дојде до убедливо најголем број победи во својата историја против една репрезентација, вкупно 12 од меѓусебните дуели со Лихтенштајн.

Се вчитува...