Кошарката на Балканот бележи огромен пад. Репрезентациите не само што повеќе не се конкурентни во медали на европските и светските првенства, туку бележат настапи во претквалификациски турнири.
Македонија веќе подолго време се мачи со нив, а во нашиот ранг е и Хрватска. „Коцкестите“ во претквалификациите за Евробаскетот 2025 не успеаја да го освојат првото место од групата во конкуренција со Полска, Швајцарија и Австрија па во тамошната јавност се водат дебати за состојбата на еднаш најголемиот спорт.
За истата сега говореше Јосип Гјергја, поранешниот репрезентативец на Југославија, селектор на Хрватска и прославен кошаркар на Задар.
„Не одам повеќе на натпревари бидејќи се чувствувам како никогаш да не сум бил во кошарката. Кошарката некогаш беше најдобар хрватски спорт, гордоста на Хрватска, додека денеска, за жал, не сме во рангот на Косово и Албанија. Во Хрватска не се игра кошарка, туку кокошарка“, вели Гјергја кој ја предводеше Хрватска до медал н СП во 1994 година.
„Хрватската лига е смешна. Десет години не играме на Светско првенство, не се пласираме на Олимписки игри веќе триесет години. Југославија повеќе од дваесет години постојано беше прва, втора или трета на светот. Јас во 1994 година со Хрватска освоив бронзен медал на Светско првенство и тоа со само еден пораз. И што ми направија? Ме исплукаа и ме навредуваа. На кошаркарската федерација јас не сум и важен, а ниту тие мене“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

