Во Каменица неслужбени лица ги нападнаа гостите, мечот прекинат во 71. минута: Само 5 полицајци не можеле да гарантираат безбедност!

Натпреварот меѓу Каменица Саса и Скопје од последното, 15., есенско коло во Втората македонска фудбалска лига ќе се решава на „зелена маса“, сосема извесно со службени 0-3 за Скопје, откако гостинските фудбалери во 71. минута од средбата беа нападнати од неслужбени лица кои влетаа на терен.

При резултат 1-1, најпрво неслужбени лица кои влегоа на терен од надвор го нападнаа голманот на Скопје, Гоце Јовчев, додека го напушташе теренот по претходно добиен црвен картон. Потоа беа нападнати и останатите гостински фудбалери кои се повлекоа во соблекувалните, по што натпреварот не беше доигран.

„Натпреварот е прекинат во 71. минута поради влегување на неофицијални лица на теренот за игра. Беа нападнати играчи на гостинската екипа. Од страна на делегатот беше побарано појачување од МВР и дополнителни полициски службеници поради обезбедување на услови за продолжување на натпреварот. На натпреварот беа присутни само 5 полицајци. По чекање од 30 минути не стигна побараното појачување а натпреварот не продолжи поради немање безбедносни услови за продолжување на истиот“ – се вели во извештајот од делегатот на натпреварот по крајот на дуелот во Македонска Каменица.

Се вчитува...