Натпреварот меѓу Куманово и Пелистер од 14. коло во Првата македонска кошаркарска лига кој требаше да стартува од 18 часот е одложен поради несоодветни услови за игра во спортската сала во Куманово.
Поради неисполнување на условите за одигрување официјален натпревар, согласно пропозициите на КФСМ, на кои од федерацијата ги предупредија прволигашите пред неколку денови, натпреварот меѓу двете екипи е одложен за утре.
Двете екипи се појавија на паркетот во Куманово, но кога беше утврдено дека не се исполнети бројни услови за официјален натпревар, на крај судиите го одложија дуелот.
„Согласно пропозициите кои се наложени од Кошаркарската федерација на С. Македонија за одигрување официјални натпревари, салата во Куманово не ги исполнува во моментов соодветните услови. Семафорот со часовникот за мерење на 24 секунди не е поставен согласно пропозициите, а исто така и осветлувањето во салата не е според предвидена луксажа за одигрување официјален натпревар и не е поставена заштита на постоечките кошаркарски рамки поради што лесно може да дојде до повреда на кошаркарите од двете екипи“ – се вели во официјалниот записник за одложувањето на натпреварот.
Домаќините имаат можност до утре до 18 часот да ги решат посочените недостатоци. Во спротивно натпреварот ќе се игра утре во големата сала во СРЦ Кале во Скопје од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА