Во Куманово се одржа 5. Меѓународен боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“ (ФОТО)

Изминатиот викенд во Куманово на градскиот плоштад во овој град се одржа петтото јубилејно издание на меѓународниот боксерски турнир Мирослав Петровиќ кој оваа година влезе и официјално во календарот на Европската Боксерска Федерација или скратено ЕУБЦ.

Настанот беше во организација на Националната Боксерска Федерација, а како технички организатор беше БК Куманово 84, со помош од Сојузот на Спортови на град Куманово и Градоначалникот на оваа Општина Максим Димитриевски.

На боксерскиот спектакл продефилираа боксери од Македонија, Србија, Словенија, Азербејџан, Палестина, Романија, Молдавија, Турција и Полска.

Турнирот траеше два дена и помина во најдобар ред и одлична организација и атмосфера.

„Како претседател на Националната Боксерска Федерација може да кажам дека сум презадоволен од тоа што се случуваше во Куманово двата дена. За прв пат од своето постоење Меѓународниот боксерски турнир “Мирослав Петровиќ” влезе во календарот на Европската Боксерска Федерација. Се помина во најдобар ред и одлична организација. Голема благодарност упатувам за сите оние кои помогнаа во реализација на настанот а тоа е Сојузот на Спортови на град Куманово, Општината на град Куманово заедно со градоначалникот г-дин Максим Димитриевски, потоа вицепремиерот на Владата, господин Иван Стоиљковиќ. Министерот за спорт, господин Борко Ристовски, претседателот на Сојузот на Спортски федерации на РСМ, господин Мартин Клинчаров, градоначалникот на Општина Петровец господин Борче Митевски, како и нашите сограѓани и носители на високи државни функции Бобан Николовски, Бране Петрушевски и  Филип Филиповски. Исто така морам да ги истакнам и организаторите на турнирот БК Куманово за одлично сработената задача со што дадоа посебен допринос за боксот како спорт на национално ниво и на нас како Федерација. Упатувам благодарност до сите тренери и натпреварувачи за фер и коректното однесување, официјалните лица за одлично завршената работа како и на големиот број на боксерски легенди и гости кои со своето присуство го удостоија овој настан“ – изјави првиот човек на Националната Боксерска Федерациј,а Кристијан Андреевски, ден по завршување на турнирот.

Инаку на турнирот беа доделени пехари и признанија за најдобрите.

Ружди Рустемовски од Пелистерски јунак е прогласен за најдобар боксер на Меѓународниот турнир „Мирослав Петровиќ“ што вчера и завчера се одржа на плоштадот во Куманово.

За најдобар младинец е прогласен Јоаким Јовановски од БК Куманово 84 од Куманово додека Арабел Рустемовски е најдобар јуниор,од БК Пелистерски јунак. Најдобар кадет е Џенан Билјали од Куманово 84, а Кирил Глобенко и Димитрије Андрејевиќ се најборбен пар.

За најдобар странски боксер е прогласен Јлмз Алперен од Турција.

Се вчитува...