Македонскиот клупски фудбал, за жал, изминативе години е се повеќе сведок на лоши сопственици кои „уништија“ серија во Македонија историски клубови со огромна традиција.
Шкупи, Работнички, Гостивар… изминативе години добија сомнителни сопственици кои де факто ги донесоа клубовите до најниско можно ниво, сега веќе, некогашните шампиони, и до преселба во второлигашка конкуренција. Тиквеш но и други клубови имаа слично искуство, за да се извлечат со помош на општините.
Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, најпознатиот македонски фудбалски агент, спортски работник и поранешен истакнат фудбалер, Никола Ѓошевски, со анализа токму и на, никогаш до крај не отворената проблематика кај нас, за неразбирањето на фудбалот како финансиски вносен бизнис, како што е на светско ниво. А, сето тоа и поради незнаењето на сопствениците на клубовите, кои во Македонија само трошат а не инвестираат средства во фудбалот.
„Нели сакаме добри фудбалери, сакаме добри тренери. Анализираме кои се тие, така? Исто треба да ги поделиме и газдите, на добри газди и лоши газди. Затоа што денеска сите клубови се А.Д., значи приватни клубови. Но, за жал, финансиското ниво ни е ниско, па општините помагаат во пола лига. Затоа што многу е тешко да влезе приватен капитал кај нас во фудбалот, бидејќи немаш пари од ТВ права, немаш пари од трансфери, немаш пари од билети. Клуб надвор кога се продава во самата „селинг листа” имаш пет ставки кои ти се “инкомс“, или влезни приходи. Пример, се продава клуб во Португалија – Втора лига, имаш од билети годишно милион евра, имаш од ТВ права два милиони евра, имаш од трансфери, имаш од спонзори или маркетинг уште милион, и ти правиш план за тие пари. Кај нас тоа го нема и затоа кај нас е потрошувачки овој бизнис, не е исплатлив“ – вели Ѓошевски.
И кога на сето тоа ќе се дополни и незнаењето на газдите, а кои одлучуваат се сами да водат во клубовите…
„Нашите клубови немаат ставка на “инкомс“, по ниту една основа, нема ТВ права, нема билети, нема спонзори, слабо трансфери, заради тоа што не сме препознатлива „селинг лиг” толку, и нашите газди коишто вложуваат во фудбалот трошат пари, а не инвестираат пари. И поради тоа многу газди горат, заради тоа што се залетуваат со многу пари, а немаат и знаење. Јас пак викам, да ги поделиме газдите на добри и лоши, и на знаење да водиш клуб. Јас тоа го сметам дека е посебен талент. Ти можеби имаш пари како бизнесмен, но немаш знаење да водиш клуб. Водењето на клуб е посебно знаење. Тука ми е главната поента која што многу газди кај нас ја немаат. И одговорот на тоа е дека: во функционирањето на еден клуб – парите ги дава газдата и мисли дека се знае и сам го води системот на функционирање на тој клуб. И тука тоа се прави погрешно, со погрешни проценки, погрешни луѓе… И кога тоа ќе го види после година-две, а веќе потрошил два милиони евра, тој си оди. Така да мислам дека, тоа што фудбалскиот бизнис кај нас е потрошувачки а не исплатлив, тука е и во недоволниот талент на газда за водење фудбалски клуб!“ – истакнува Никола Ѓошевски.
===================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

