Металург ја доби довербата од ЕХФ и во следната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите со вајлд-карта, а деновиве ќе биде дефинирано и како ќе изгледа тимот од Автокоманда за следната сезона.
Македонскиот вицешампион исто како и лани ќе има директен пласман во Ц или Д групата, а шампионот Вардар ќе биде дел од елитата во А или Б групата.
Местото во најелитното европско ракометно натпреварување, кое беше потврдено денеска на Извршниот конгрес на ЕХФ, е своевидна гаранција за иднината на тимот од Автокоманда. Металург останува на европската мапа, со обврска да одговори на стандардите што ги поставува ЕХФ, пред се со конкурентен тим за настап во ЛШ.
Кај „металурзи“ засега остануваат отворени многу прашања во однос на тоа со кој ростер ќе настапат во следната сезона. Извесно е само дека се зависи и се врти околу останокот или заминувањето на хрватскиот репрезентативец, Халил Јагањац.
ППД Загреб веќе и официјално најави дека го планираат Јагањац во својот состав за следната сезона, но за тоа ќе треба да се договорат со Металург бидејќи Хрватот има договор со македонскиот тим до крајот на следната сезона. Од Металург велат дека „ги разгледуваат“ понудите за хрватскиот бек и деновиве ќе се знае конечната разврска дали ќе остане дел од тимот и за следната сезона или ќе биде ослободен од обврските со соодветно обесштетување една година порано. И доколку замине, дали Филип Кузмановски ќе биде негова замена на лев бек или ќе има ново засилување на оваа позиција.
Металург деновиве ќе мора да најде соодветна замена и на лево крило како и на пикерската позиција по заминувањето на Вања Илиќ и на Жарко Пешевски.
Според најавите од Автокоманда, фокусот и во иднина ќе биде на младите домашни ракометари. Еден од нив е и младинскиот репрезентативец, Томислав Јагуриноски кој летово се враќа во Металург по една сезона помината на позајмица во Еурофарм Работник.
Во домен на шпекулации без официјална потврда засега останува и враќањето на тренерот Лино Червар. Хравтскиот стратег поради репрезентативните обврски во Хрватска, клупата во македонскиот клуб речиси во текот на целата мината сезона му ја препупшти на Александар Јовиќ, но никогаш официјално не ја заврши приказната со Металург. Червар неодамна беше најавен како нов тренер на ППД Загреб, но официјалното потпишувањето на договорот со хрватскиот шампион оставено е „за понатаму“, после Медитеранските игри во Тарагона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА