Во Милан децидни: Нкунку не мрда од „Сан Сиро“

Кристоф Нкунку нема да си замине од редовите на Милан и покрај слабиот старт на авантурата на францускиот голгетер во таборот на италијанскиот фудбалски гигант.

Нкунку се мачеше во првите месеци меѓу „росонерите“ првите голови постигнувајќи ги дури во последниот меч од 2025 година, а медиумите веќе почнаа со шпекулации дека тој ќе биде продаден во јануари за да го отстапи своето место на Никлас Фулкруг.

Германецот пристигна на позајмица од Вест Хем, синоќа и дебитираше во дресот на Милан, но директорот Игли Таре јасно стави до знаење дека доаѓањето на Фулкруг никако не значи и заминување на Нкунку од „Сан Сиро“.

„Нормална работа е за време на преодниот рок да има шпекулации, но иднината на Нкунку овде во ниту еден момент не беше доведена во прашање. Навистина, му требаше време да се адаптира, но истовремено беше и повреден и тоа му ја отежна работата. Во последните два месеци видовме значителни подобрувања, а двата гола минатата недела уште повеќе ќе му ја зголемат самодовербата. Веруваме дека тој ќе биде важен играч за нас и сигурно нема да си замине“, дециден е Таре.

Се вчитува...