Во новата фудбалска сезона 13 нови тренери во Првата и Втората лига

Новата фудбалска сезона во Првата и Втората лига на Македонија стартуваше со 13 нови тренери, што јасно покажува дека клубовите не беа задоволни од нивните постигнати резултати. Јасно, никогаш тоа не се пишува во соопштенијата кога  им врачуваат отказ на тренерите,  кога тие „самоволно“ ќе поднесат оставка, секогаш со онаа веќе излитена фраза: спогодбен раскин на договорот, посакувајќи им се најдобро во нивната идна работа.

Сезоната ја отвори познатиот Ќатип Османи, кој неочекувано пред самиот старт поднесе оставка во Шкендија, на кормилото го замени еден од поранешните познати фудбалери во Македонија Адријан Нухиу, но неговиот старт во годинашниве натпревари во Конференциската лига не беше успешен, тетовчаните беа елиминирани веќе во второто коло.

Иако Берат Имери Воска за првпат во кусата историја на овој охридски клуб ја внесе во Првата  лига,  не доби шанса  да ја води и во прволигашкото друштво. Него го замени црногорецот Миљан Радоњиќ.

Очекувано беше дека Горан Пандев ќе ангажира нов тренер сега под новото име АП Брера Струмица. Тонк Атанасов го препушти своето место на Италијанецот Џовани Валентe. Новиот прволигаш Гостивар имаше многу успеси во Втората лига под водство на турскиот тренер Октај Дерелоглу, но сепак во Првата лига на клупата  седи неговиот сонародник Мурат Доган.

Кој е шеф на стручниот штаб на Вардар по три години повторно во Првата лига. Според секојдневните изјави во печатот, тоа би требало да биде Боби Грнчаров, но на првите две средби, во официјалните записници, како шеф стои името на Влатко Колев. Проблемот е  тренерската   „Про лиценца“ која Грнчаров не ја поседува и нема право да води прволигашки клуб. Впрочем има уште клубови во Првата лига кои плаќаат по двајца тренери поради немање на таа лиценца, за што ќе пишуваме наредните денови.

Во Втората лига бројката на нови тренери е поголема. Да почнеме со Пелистер. Откако Бобан Бабунски не успеа да го внесе во Првата лига, сега тоа ќе се обиде да го направи искусниот Влатко Костов. И новите второлигаши се пофалија со други тренери. Наместо Горан Ставревски Новаци ќе го води Дарко Крстевски, а во Осогово Добринко Илиевски дојде на месото на Ефтим Аксентиев.

Љупчо Марковски иако го спаси  Тетекс од испаѓањето од Втората лига, се пресели во Скопје менувајќи го познатиот Мирсад Јонуз, додека на негового место во Тетекс повторно се врати Даниел Радевски, а после убедливиот пораз од Победа за нов тренер на „штофарите“ е назначен Филип Деспотовски.

Откако Дарко Крстевски го раскина договорот со Караорман, стружани добија нов тренер во Драган  Блажевски, додека во Беласица за шеф на стручниот штаб на местото на Благој Гуцев шанса доби Васе Беќаров.

Уште два клуба имаат нови тренери. Башкими му се заблагодари на Фљорин Имери, го назначи Муарем Рустеми, додека во Победа Филип Мирчески ќе се обиде прилепчаните да ги врати во Првата лига, во што не успеа Благоја Дамески.

М. Мицковиќ

Се вчитува...