Македонија по победа во Осло, но може и со пораз да стигне до главните квалификации за Евробаскет

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 18 часот во Осло ќе го одигра последниот натпревар од претквалификациите за Евробаскетот 2025. Избраниците на Александар Јончевски за противник ќе ја имаат репрезентацијата на Норвешка против која целат на победа која би го загарантирала првото место во групата кое носи и место во главните квалификации.

„Црвено-жолтите“ во овој натпревар влегуваат по поразот на гостувањето кај Словачка, со јасна цел да се исправат грешките од тој натпревар. Македонија дури и во случај на пораз може да го задржи првото место во групата, но за тоа да се случи ќе треба Данска во својот натпревар на домашен терен да слави над Словачка.

„Ја испуштивме првата можност, во Левице имавме свои шанси, не ги искористивме. Си ја отежнивме работата, со оглед на тоа дека загубивме за прв пат во овие претквалификации. Но реков и тогаш по завршувањето на натпреварот дека најважно од се е дека сепак се зависи само и исклучиво од нас. Сами си ја кроиме својата судбина, и гледаме само како ќе одиграме против Норвежаните“, вели Јончевски.

Првиот натпревар против Норвешка во претквалификациите заврши со голема победа на Македонија. Во Гевгелија скандинавската држава беше лимитирана на само 36 поени, без погоден обид од своето најголемо оружје – шутот за три поени. Истиот беше кобен на гостувањето кај Словачка, а денеска повторно ќе мора да се сведат овие обиди на минимум за македонски триумф на северот на Европа.

Се вчитува...