Во пеколен финиш Еуро Никел едвај до победа над Вардар

Кошаркарите на Еуро Никел многу потешко од очекувањата дојдоа до победата од 67-70 на гостувањето против „фенерџијата“ Вардар во 22. коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Целиот натпревар мина максимално израмнето. На полувремето Вардар замина со само еден поен предност (35-34), а сосема еднакво се играше и вториот дел. Со цврста одбрана, мал број поени, многу грешки на двете страни за да се влезе во неизвесна завршница во која Вардар имаше е пет поени предност (65-60) на пет минути до крајот.

Но, потоа следеше одличен финиш на гостите кои иако на само една минута пред крајот имаа негатива од 67-64, сепак благодарение на Смит МекВен кој на 30 секунди до сирената погоди и тројка дојдоа до предност од 67-68. И со нови поени во самиот финиш, Еуро Никел заокружи за триумф од 67-70.

Смит Меквен со 24 поени и 10 скока беше најдобар во победата кај Еуро Никел, а Дубински го заврши мечот со 20 поени. Кај домашните најефикасен беше Атанасов со 16 поени, а се издвои Хот со 12 поени и 13 скока.

Со оваа победа, Еуро Никел сега со 14 победи се израмни на делба на петтата позиција на табелата со ТФТ Скопје. Вардар пак остана на последното, 12. место, со три победи и 19 порази.

 

Се вчитува...