Пред неколку дена напишавме за еден своевиден тренерски рекорд што е забележан есенва во Единствената втора лига на Македонија кога десетте од 16 клуба сменија дури 24 тренери. Ништо не е подобра есенва ниту положбата на тренерите во Првата лига.
На клупата на деветте клуба /не се однесува на Ренова која само формално фигурира на табелата/ седеа 17 тренери. Единствено Струга Трим и Скопје со своите тренери Срѓан Захариевски и Славчо Георгиевски ги одиграа сите есенски натпревари под нивно раководство.
Шкендија стартуваше со Артим Шакири, кој неочекувано беше сменет иако клубот имаше успеси во европските купови, загуби само еден меч од шест одиграни и тоа на пенали, но по се изгледа за новата раководна структура на Шкендија тоа беше неуспех. Потоа, пред да биде ангажиран за шеф на стручниот штаб веќе познатиот Ќатип Османи, тренер на Шкендија на еден меч беше Скендер Јонузи. Познато е дека Гоце Седловски, по катастрофалните резултати на Шкупи во Европските купови поднесе оставка, него само на еден првенствен натпревар го замени Гохан Бочкаја, за да Седлоски се премисли, ја повлече оставката и се врати на клупата на Шкупи до крајот на есенската сезона.
Тројца тренери седеа и на клупата на Работнички. По слабиот есенски старт Љупчо Марковски -Калц поднесе оставка, го замени Стојанче Игњатов, но и тој само на еден натпревар против Победа, за да за нов шеф на стручниот штаб на романтичарите биде ангажиран Милан Илиевски. Потоа бевме сведоци на една смена на тренери. Во Академија Пандев Ѓорѓи Стојчев го замени Александар Васовски, од Тиквеш си замина познатиот Влатко Костов, препуштувајќи му го местото на Ѓорѓи Мојсов.
И тоа не беше крајот на оваа есенска смена на прволигашките тренери. Брегалница се раздели од поранешниот претседател на ФФМ, инаку лиценциран трнер Илчо Ѓоргиевски, до крајот на есенската сезона го заменуваше Лазо Илиев, сега штипјаните имаат нов тренер-Горан Здравков. И прилепска Победа не остана имуна на тренерскиот егзодус во Првата лига. Си замина Бобан Бабунски, прилепчаните сега ќе ги води Благоја Дамески.
Колку е несигурна и неблагодарна тренерската фудбалска професија во Македонија најдобро говори и овој податок. Во Првата и Втората лига есенва на жешките клупи на 25 клуба седеа дури 41 тренер. Има ли некој сили да ги заштити.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

