Во пресрет на финалето: Три дуели на кои треба да им обратиме внимание (ФОТО)

Финалето на овогодишното издание на Првата кошаркарска лига не донесе изненадувања. Во него се најдоа АБА-лигашите МЗТ Скопје и Пелистер кои поголемиот дел од сезоната го поминаа на првата и втората позиција на табелата и наговестија интересна и неизвесна битка за трофејот.

Дали ќе продолжи доминацијата на аеродромци или пак за прв пат во историјата битолчани ќе се радуваат на трофејот ќе дознаеме најдоцна на 12. јуни во „мајсторка“, доколку истата биде потребна, но и доколку дојде до неа нема да биде изненадување.

Двата тима имаат екстра квалитетни кошаркари на сите позиции, а освојувачот на трофејот можат да го одлучат детали па во пресрет на утрешниот прв натпревар кој ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19 часот издвојуваме три интересни дуели на кои треба да се обрне внимание.


Бре Ајви vs Бобан Стајиќ – бековската позиција e еден од најбитните аспекти во модерната кошарка, а овие два тима имаат одлични играчи на неа. Во МЗТ Скопје истата ја покрива Американецот кој откако успеа да се привикне на новата средина ја врати формата од времето во Академија ФМП и се наметна како незаменлив дел од тимот, додека Пелистер во моментот го има еден од најдобрите Македонци кои ја покрива истата и воедно е „мозокот на теренот“ за „зелено-белите“.

Овие два кошаркари беа одлични и во полуфиналето против ТФТ, односно Еуро Никел. Ајви го преводеше МЗТ Скопје со просек од 12.5 поени и реализација од 40 отсто, 4.0 скока и 5.0 асистенции по натпревар, додека Стајиќ со 13.0 поени и реализација од 71 отсто, проследена со 2.3 скока и 5.0 асистенции по натпревар беше еден од клучните фактори за издвоеното финале. Притоа, предност за овие два кошаркари е играта во одбрана и агресивноста која ја носат на теренот за запирање на течните напади и лесните поени.


Војдан Стојановски vs Никола Малешевиќ – овие два кошаркари се воедно и едни од најдобрите кои го носеле дресот на некој наш прволигаш. Репрезентативниот капитен со просек од 12.0 поени и скромна реализација од 34 отсто проследена со 3.5 скока и 2.5 асистеции по натпревар и нема статистика за пофалба од серија со ТФТ, но искуството кое го носи со себе е непроценливо, а така беше и во клучните моменти на „Кале“ кога ја направи потребната предност за мирно второ полувреме.

За разлика од него Србинот ја продолжи одличната форма и во плеј-офот, а серијата против вицешампионот ја заврши со просек од 22.3 поени и реализацијa од 51 отсто, 3.6 скока и 5.0 поени.

Во минатогодишното полуфинале помеѓу овие два тима клучно за „метлата“ на МЗТ Скопје беше лимитирањето на Малешевиќ, така ќе биде и оваа серија со тоа што и тренерот Илиевски ќе мора да најде начин да го запре Стојановски.


Немања Милошевиќ vs Игор Кесар – „икс факторот“ на МЗТ Скопје кој постигна просек од 15.0 поени со 73 отстона реализација и 8.0 скока и 3.0 асистенции по меч и лидерот на Пелситер со 22.6 поени и 52 отстотна реализација проследена со 3.3 скока и 3.3 асистенции повторно ќе имаат значајна улога за своите тимови.

Покрај битката под обрачите кои ќе ја водат овие два кошаркари за запирање на лесните поени и поените од втора шанса, многу ќе значи од нивната реализација зад линијата 6,75 која значително ќе го ослободи рекетот и ќе донесе предност за останатите кошаркари на паркетот.

Се вчитува...