Во Радовиш живеат за бараж-дуелот со Вардар: Детонит Плачковица верува во историска Прва лига!

Никогаш досега Плачковица од Радовиш не била дел од македонското прволигашко друштво. Сега со претставката Детонит според името на спонзорот на клубот, за првпат во својата историја ќе играат бараж за место во елитата, и тоа против најтрофејниот македонски клуб – Вардар.

Клубот досега играл во општинското натпреварување на ОФС Штип, во Меѓурегионалната лига-Исток, во Втората лига-Исток, во единствената Втора лига, но Првата, барем досега остана само неостварена желба и на фудбалерите и на многубројните навивачи на Детонит Плачковица. Дали конечно дојде денот кога и во Радовиш ќе се игра прволигашки фудбал? На едно коло пред крајот на годинашново првенство на единствената Втора лига на Македонија, Детонит Плачковица веќе со сигурност ќе заврши на третото место на табелата и ќе игра бараж против Вардар за пласман во најелитното фудбалско друштво.

Фудбалерите на тимот, предводени од амбициозниот тренер Иван Варадиновски, кој беше шеф на стручниот штаб на Кит Го од Пехчево во времето додека настапуваше во Втората лига и бележеше одлични резултати, заслужено ќе се борат за прволигашкиот статус. Зад себе во изминатите 30 кола на табелата ги оставија поранешните членови на Првгата лига: Скопје, Беласица, Кожуф, Осогово, Победа, Тетекс, Саса, Караорман, Новаци… А тоа сепак не е мала работа и Детонит Плачковица заслужува респект иако многумина ја сметаат за ауатсајдер во бараж мачот со далеку поискусните фудбалери на Вардар.

„Сигурно дека Вардар е голем фаворит на овој меч, за тоа се свесни и моите играчи, но во фудбалот не секогаш победуваат фаворитите. Ние нема така лесно да се предадеме, ова е голема шанса за нас за првпат во историјата на клубот да играме во Првата лига на Македонија. За овој досегашен успех, се надевам не и последен, имав голема подршка во мојата работа од претседателот на клубот Јовица Трајчев, членовите на управниот одбор, фудбалерите, спонзорот, на што сум им многу благодарен“ – ни изјави тренерот на Детонит Плачковица, Иван Варадиновски.

Сите љубители на фудбалот во  Радовиш со нетрпение го очекуваат натпреварот со Вардар. Сигурно дека половина жители на градот, како што ни изјави претседателот Трајчев ќе се преселат тој ден на стадионот каде ќе се игра мечот, за да им помогнат на своите миленици на овој историски натпревар за Детонит Плачковица.

Детонит Плачковица до успехот до кој стигна низ сезонава во второлигашкото натпреварување беше воден од следниот играчки кадар: Димитар Ѓорѓиев, Стефан Бабунски, Гордијан Христовски, Давид Бошевски, Оливер Христов, Иван Настевски, Андреј Кудијан, Зоран Иваноски, Тони Мирчевски, Александар Ѓорѓиевски, Дарко Стојанов, Дамјан Јакимоски, Аљбан Мемеди, Амир Фејзуловски, Тони Мичковски, Орце  Свирков, Лука Трајковски, Иван Храбрев, Славчо Јанев, Димче Коцев, Анџело Николовски, Аљиу Јусуф. Сите тие играа во текот на првенството и  дадоа придонес за третото место во Втората лига и настап во баражот за Првата. Од клубот најавуваат дека со пласман во Првата лига би следело дополнително сериозно засилување на играчките редови.

М.Мицковиќ

Се вчитува...