Алваро Арбелоа дојде на клупата на Реал Мадрид како привремено решение по отказот врачен на Чаби Алонсо, но поранешниот дефанзивец најверојатно нема да го дочека крајот на сезонава како кормилар на „кралевите“.
Се побројни се информациите за огромно разочарување на раководството, но и голем дел од фудбалерите од методите на работа на младиот стратег, кој се повеќе делува недораснато за најтешката работа во европскиот фудбал. Арбелоа се реши за далеку помек пристап кон фудбалерите откако Чаби Алонсо инсистираше на максимална дисциплина на теренот, но и надвор од него.
Во прв момент тоа се чинеше како добар потег, но фудбалерите се повеќе ја злоупотребуваат дадената слобода на теренот, згора на тоа тактичката неподготвеност на Арбелоа кога резултатот не е позитивен се повеќе доаѓа до израз, па раководството на Реал се посериозно ја разгледува опцијата за нова тренерска смена во текот на сезонава.
Поразот од Хетафе само ја продлабочи кризата, а Флорентино Перез ќе го почека двомечот од осминафиналето во ЛШ против Манчестер Сити, на кој евентуален неуспех на Реал ќе значи и дефинитивно збогување со Арбелоа.
Шансите за успех уште повеќе се намалија откако беше објавено дека Килијан Мбапе ќе паузира повеќе од три седмици, па Французинот дефинитивно ќе ги пропушти двете средби против „граѓаните“, кои ќе бидат од клучно значење за актуелниот тренер на „кралскиот клуб“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

