Во СЕХА загубија, во ЛШ не се даваат – Вардар повторно на мегдан со Мешков Брест

Вардар денеска (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Мешков Брест во продолжението од групната фаза во Лигата на шампионите, по паузата за репрезентативните настапи. Ова е втор дуел на македонскиот и белорускиот шампион во рок од три дена. Во средата Вардар со младински состав и со само четворица првотимци гостуваше во Белорусија и беше поразен од Мешков (35-20) во натпреварот од СЕХА лигата.

Во денешнaта пресметка во ЛШ, односот на силите ќе биде многу подруг. Вардарци сега ќе му се спротивстават на Мешков Брест во полн состав во кој освен повредениот Сергеј Горбок, ќе недостасува само Вуко Борозан кој има еден меч суспензија од ЕХФ.

Без двајца важни ракометари ќе биде и белорускиот тим. Во составот на Мешков Брест што ќе настапи денеска во Скопје поради повреда ќе ги нема Денис Рутенка и Вид Потеко.

Цел на „црвено-црните“ е  да ја потврдат фаворитската улога во денешниот дуел и одново да се вратат во победнички ритам, по поразот од Кјелце во претходното коло.

Ова е тежок и важен меч и ни треба победа. Мешков е добар тим, играат силна одбрана и агресивно. Нема да биде лесно,  ние се обидуваме да се подготвиме најдобро што можеме и да ги освоиме бодовите“ – истакна тренерот на Вардар, Роберто Парондо, во пресрет на денешниот натпревар.

Вардар има импресивни 13 победи во последните 14 натпревари на домашен терен. Единствениот пораз на Вардар во СЦ „Јане Сандански“ е од Кил во ланското четвртфинале.

Во изминатите пет години, Вардар и Мешков Брест имаат одиграно дури 16 меѓусебни дуели од кои 14 во СЕХА и два во Лигата на шампионите. Во СЕХА дуелите вардарци имаат осум победи, во четири пати славел Мешков Брест, а два меча завршиле нерешно. Во Лигата на шампионите македонскиот и белорускиот првак играа во иста група пред две сезони и тогаш Вардар победи во Скопје (31-27), а Мешков славеше во Брест (30-26).

Се вчитува...