Во сеќавање на македонскиот горостас: ПЕТАР МИЛОШЕВСКИ – Нашиот вечен број 1!

На денешен ден пред 11 години, во трагична сообраќајна несреќа загина едно од најславните имиња на македонскиот фудбал, легендарниот Петар Милошевски.

Петар Милошевски дефинитивно засекогаш ќе остане запаметен како една од најблагородните души во македонскиот фудбал, и спорт воопшто. Име кое засекогаш ќе биде синоним за спортист во вистинска смисла на зборот. За човек во вистинска смисла на зборот. За професионалност, вредности, труд, знаење, добрина и чесност – во вистинска смисла на зборот!

За жал, Македонија не успеа до крај да ги искористи сите вредности кои можеше да ги добие од Петар Милошевски кој на 40 години го напушти овој свет, со последна функција како директор во Фудбалската федерација на Македонија, но зад себе, пред се, оставајќи силна репрезентативна трага со 59 настапи во националниот дрес. Несреќно загина во сообраќајна несреќа на 13 март 2014 година оставајќи огромна празнина во срцата на сите искрени љубители на спортот, но оставајќи и простор постојано да се сеќаваме на неговата беспрекорна кариера.

А, кариерата ја започна во Пелистер, во родниот град Битола, каде што беше активен од 1989 до 1997. Со Пелистер го игра првото историско финалето во Купот на Македонија во 1993 година, по што реализира трансфер во Вардар. Минува четири прекрасни сезони во црвено-црниот дрес каде освојува шампионска титула и еден трофеј во Купот на Македонија.

Европа многу брзо го виде неговиот нескриен квалитет, па следи преселба во редовите на Трабзонспор од Турција каде одигра одигра 60 натпревари и по две сезони премина во редовите на Малатијаспор. Три години и 62 натпревари на голот на турскиот тим, за да од 2004 година се пресели во Себатспор, а потоа во редовите на Енозис во Кипар каде остана седум сезони.

На 25 март 1998 година дебитира за репрезентацијата на Македонија (победа против Бугарија со 1-0 во пријателски натпревар во Скопје). Дресот на македонската репрезентација го носеше 11 години без прекин, со 59 одиграни официјални репрезентативни натпревари. Негов последен настап во националниот дрес е во февруари 2009 година на пријателскиот натпревар против Молдавија.

„Во мое време репрезентативците главно беа од македонската лига. Тие се промовираа од лигата, а низ репрезентативна промоција правеа трансфери надвор од Македонија. Имаа многу високи критериуми во сфаќањата за значењето на националниот тим. Како одминуваше времето, значењето на носењето на дресот на Македонија опадна. Секој македонски репрезентативец мора да знае дека нешто посебно е да се носи дресот на државата. Репрезентативниот дрес мора да биде светост“ – ќе рече години потоа Милошевски, откако беше промовиран како директор на фудбалските репрезентации во ФФМ.

Во 1998 година, во избор на ФФМ, беше прогласен за најдобар македонски фудбалер во странство. Во текот на својата кариера има одиграно повеќе од 500 натпревари за сите тимови, и за националните селекции.

Во 2012 година става точка на активната играчка кариера по што е назначен за директор на фудбалските репрезентации на Македонија. За жал, кратко…. На 13 март 2014 година е еден од најцрните денови во историјата на македонскиот фудбал. На враќање од Куманово по работни обврски во автомобилот со поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, загинува несреќно во сообраќајна несреќа.

„Има ли смисла да опишуваме каков човек беше? Нема. Бидејќи тагата која и денеска ја чувствуваме сите не е случајна. Петар не беше само фудбалер или директор на репрезентација, неговата фигура беше татковска. Знаевте дека ќе биде со вас, без оглед дали е ваш соиграч, или ваш претпоставен“ – е ставот на секој кој барем една минута го познавал Петар Милошевски.

Петар Милошевски ќе остане во сеќавањата како личност, работник кој имаше уште многу да даде за фудбалот во Македонија, полн ентузијазам со нескриена желба за подобро утре. Сите тие негови амбиции, без сомнение, се еден вид аманат и за сите идни фудбалски генерации. Да се продолжи по фудбалскиот пат кој тој го зацрта. Едноставно, го должиме тоа на Петар Милошевски!

ПЕТАР МИЛОШЕВСКИ (1973-2014)

ИГРАЧКА КАРИЕРА: Пелистер (1989-1994), Вардар (1994-1998), Трабзонспор (1998-2001), Малатијаспор (2001-2004), Себатспор (2004-2005), Енозис Паралимни (2005-2012)

ПРОФЕСИОНАЛНА КАРИЕРА: Директор на фудбалските репрезентации во ФФМ (2012-2014)

УСПЕСИ: Шампион со Вардар во сезона 1994/95; Освојувач на Купот на Македонија со Вардар во сезоната 1994/95 и во сезона 1997/98; Прогласен за најдобар фудбалер на Македонија во 1998 година!

Се вчитува...