Во Шпанија се игра додека Реал не победи: Со ВАР-помош и гол во 99. минута до триумф над „фенерџијата“

Реал Мадрид славеше со 3-2 на дуелот со Алмерија што го одбележаа низата судиски одлуки кои им помогнаа на „кралевите“ да се вратат од негативата од 0-2 што ја имаа по првото полувреме.

Алмерија со шест бода во досегашните 20 рунди допатува како „фенерџија“ и апсолутен аутсајдер, но гостите го шокираа Реал, поведувајќи со 0-1 на самиот почеток преку Рамазани, а потоа и со 0-2 со евроголот од над 20 метри што го постигна Гонзалез.

Вториот дел очекувано мина во офанзива на Реал, но „кралевите“ имаа и огромна помош од ВАР собата, најпрвни со досудениот пенал кога Белингем намали на 1-2, а потоа и со поништениот гол за Алмерија за 1-3 за прекршок при кој судијата беше на два метра со совршен видик на ситуацијата, не го санкционираше, но на крајот досуди фаул по ВАР-интервенцијата.

Алмерија беше дефинитивно ограбена при вториот гол за Реал, кога Винисиус со рака го матираше голманот, судијата најпрви го виде тоа и го поништи голот, но повторно следеше повик од ВАР-собата по кој чудесно беше признаен спорниот погодок.

Алмерија успеваше да одолее, но тогаш главниот судија се реши за последен подарок – 11 минути судиско продолжение, што Реал го искористи за во 99. минута да стигне до победата преку Карвахал.

Се вчитува...