Два повеќе од интересни натпревари во 25. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Во Штип секогаш возбудливиот мегдан меѓу лутите ривали, Брегалница и Тиквеш. Брегалница е желна за продолжување на победничката низа, но јасно е дека избраниците на Горан Здравков ќе имаат повеќе од сериозен предизвик.
„Носиме силен мотив за продолжението од првенството. Паузата ја искористивме за ново темпирање на формата и сега верувам дека ќе продолжиме во ист стил и дека ќе дојдеме до нови три бода. Комплетни сме и подготвени за новиот предизвик. Како и претходно размислуваме само за секој следен натпревар. На секој дуел одиме на победа, иако против Тиквеш знаеме дека ќе биде тешко затоа што и тие секогаш се дополнително мотивирани за натпреварите во Штип. Но, со поддршка од навивачите, верувам дека можеме до триумф“ – вели крилниот офанзивец на Брегалница, Дарко Додев.
Интересно ќе биде и во Струга каде Струга ТЛ ја пречекува Академија Пандев.
„Секој натпревар е тежок затоа што имаме одговорност за остварување на зацртаните цели, особено кога се соочувате со многу сериозен тим како Академија Пандев кој имаше и одличен натпревар против актуелниот шампион Шкупи. Сепак, верувам дека со вистински тимски пристап можеме да дојдеме до позитивен резултат“ – вели тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро.
Шкендија, пак, се чини ќе има лесна задача на дуелот против прилепска Победа во Тетово.
„Имаме добра серија во низа, но сега треба да бидеме уште помотивирани во финишот на првенството и дефинитивно треба да започнеме со триумф против Победа кон идните предизвици. Мислам дека победата не треба да биде доведена во прашање, со максимален ангажман на терен веруваме во трите бода“ – вели дефанзивецот на Шкендија, Ардијан Цуцули.
И Шкупи носи фаворитска улога во пресметката со Скопје на Чаир.
ПМФЛ – 25. КОЛО (денеска, 15 ч.)
Штип: БРЕГАЛНИЦА -ТИКВЕШ
Скопје: ШКУПИ – СКОПЈЕ
Струга: СТРУГА ТЛ – АК. ПАНДЕВ
Тетово: ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА
ВЧЕРА
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ 2-1
Личина 24′, Алексовски 76′ – Мазари 26′
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА