Како ретко кога последниве години максимално неизвесна битка за шампионската титула во македонскиот фудбал до самиот финиш на првенството. Но, се чини денешното претпоследно, 32. коло од Првата македонска фудбалска лига, и дефинитивно ќе го даде името на новиот шампион кое ќе се одлучува во директната пресметка меѓу Шкендија и Струга ТЛ во Тетово.
А, Шкендија пред три кола беше целосно отпишана од трката за трофејот. Но, со трите едноподруго победи и помошта од конкурентите Струга и Шкупи кои киксираа во два наврати, тетовци сега се во пол-позиција за нов трофеј во својата историја.
„Знаеме дека ова е вистинска шанса за нас, и затоа сме подготвени да го дадеме максимумот да дојдеме до целта. Не чека повеќе од тежок натпревар против актуелниот шампион, но знаеме дека со поддршка и од нашите навивачи можеме до триумфот“ – порачуваат од таборот на Шкендија.
Но, силно мотивирани се и во таборот на Струга ТЛ. Буњамин Шабани вели дека, со оглед на важноста на мечот, победникот ќе го решаваат само мали нијанси.
„Многу важен натпревар и за нас и за Шкендија. Меч за титула. Добро е за нашиот шампионат да има ваков дерби натпревар. Во пресрет на оваа средба атмосферата во нашиот тим е многу добра, работевме цела недела, доста добро го анализиравме противникот. Сите знаеме дека Шкендија има многу квалитетен тим, па се очекуваат нијанси да го одлучат победникот на ова дерби“ – вели Шабани, кој го одлучи претходното меѓусебно дерби за победа на неговиот тим од 2-1.
Шкупи, пак, ќе чека од позадина своја шанса но јасно е дека сега не зависи од самиот себе како тим. Чаирчани денеска мора да победат со АП Брера, па во зависност од резултатот во Тетово, во последното коло да чекаат своја шанса за евентуална титула.
ПРВА ЛИГА – 32. КОЛО (денеска, 17 ч.)
Тетово: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ
Гостивар: ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА
Кратово: СИЛЕКС – ВАРДАР
Скопје: ШКУПИ – АП БРЕРА
Кавадарци: ТИКВЕШ – ВОСКА СПОРТ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА