Новиот Закон за спорт преку кој македонските спортисти и спортски клубови треба да ги добијат финансиските средства оваа година се уште не е донесен од македонското собрание, а изненадувачки бил повлечен и од 138-та парламентарна седница, порад техничка грешка во текстот на истиот.
Сето ова е официјално обелоденето од Собранието на Македонија, а шокирачки делува за македонскиот спорт кој нескриено е во очекување на донесувањето на Законот кој во суштина претставува финансиски темел за огромен дел од домашната спортска сцена.
Новиот Закон за спорт, како што претходно беше објаснето од Агенцијата за млади и спорт, треба да понуди подобар начин на распределба на околу десет милиони евра, место досегашната индиректна прераспределба преку домашните компании.
Но, сега истиот е во трка со времето ако се знае дека Собранието треба да се распушти во среда на 14. февруари пред парламентарни избори закажани за 8. мај. Тоа значи дека овој предлог-закон мора да биде донесен од страна на актуелниот парламентарен состав, ако македонските спортисти и спортски клубови сакаат да имаат финансиски средства оваа година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА