Во Ц. Звезда си играат „оди ми – дојди ми“: Дејан Станковиќ се враќа!?

Дејан Станковиќ би можел повторно да ја преземе клупата на Црвена Звезда, речиси шест години откако првпат го замени Владан Милојевиќ на таа позиција во декември 2019 година.

Раководството на актуелниот шампион на Србија размислува за отпуштање на Милојевиќ поради лошите резултати во домашното првенство и последниот пораз од Војводина, објави „Спорт клуб“.

Според информациите од клубот, контактот со Станковиќ веќе постои, а се подготвува теренот за негово враќање на „Маракана“.

Станковиќ, кој е слободен од ангажман по заминувањето од Спартак Москва, беше прашан за враќање во клубот и, како што беше наведено, не ја отфрли можноста повторно да седне на црвено-белата клупа. Напротив, беше оставен простор за дополнителни дискусии, вклучително и дефинирање на финансиските услови и времетраењето на потенцијалниот договор.

Според сегашниот план, Милојевиќ ќе ја предводи Ц. Звезда во дуелот со Штурм во Грац, како и во преостанатите два натпревари од Суперлигата пред зимската пауза. Сепак, епилогот од европскиот натпревар би можел да влијае на понатамошниот развој на настаните, иако извори од клубот истакнуваат дека раководството веќе активно работи на промената.

Незадоволството од начинот на кој играше тимот и резултатите на тимот долго време тлее меѓу челниците на Црвена Звезда, а верувањето дека се потребни големи промени дополнително се засили по најновиот неуспех во лигата. Бидејќи летните и есенските обиди Алберт Ријера да го преземе тимот не беа реализирани, Станковиќ повторно е главен кандидат за позицијата шеф на струката.

Доколку преговорите бидат успешно завршени, легендата на клубот многу брзо би можела да се врати на местото каде што веќе постигна забележителни резултати.

Се вчитува...