Во Валенсија бесни: „Експлодираше аферата Столе Димитриевски“

Столе Димитриевски со македонската репрезентација се подготвува за клучниот квалификациски меч против Велс, но нашиот голман со интервју дадено во татковината предизвика „земјотрес“ во неговиот клуб Валенсија.

Димитриевски говореше најотворено на различни теми како гостин на подкастот на Стефан Лазаров, но предизвика бура во клубот со коментарите околу причините за неговата минимална минутажа. Тој се пожали дека голманот Хулен Агирезабала брани затоа што мора да има 30 настапи сезонава, во спротивно Валенсија ќе мора да му плаќа пенали на Атлетик Билбао.

„Нема конкуренција. Не е ниту важно дали јас бранам добро или не“, прокоментира Димитриевски во дел од подкастот.

Столе не кажа апсолутно ништо невистинито ниту пак погрешно, факт е дека уште пред една и пол година му беа дадени лажни ветувања кога од бројните понуди ја избра токму онаа на Валенсија, па токму затоа изненадува бурната реакција пренесена преку „Супердепорте“, портал што важи за исклучително близок до сите спортски колективи во Валесија.

„Аферата Димитриевски експлодираше! Котроверзни изјави на голманот на Валенсија, кој тврди дека Агирезабала брани поради клаузула во договорот, изјави што не наидоа нна одобрување кај тренерот Корберан, ниту кај соиграчите. На сите нивоа во клубот се разочарани од Димитриевски, поради покажување со прст кон тренер и соиграч, особено бидејќи не ја рефлектираат реалноста. Македонецот ги критикуваше сите, и тоа во период на криза кога се бара да се покаже единство и сите поединци да се подредат на колективот. Незадоволството е разбирливо и Димитриевски ќе треба да објасни многу работи кога ќе се врати по репрезентативниот настап“, пишува „Супер Депорте“.

Повеќе од јасно е дека Корберан не смета на македонскиот голман, па оваа изјава на Димитриевски би можела само да го забрза неговото заминување од Валенсија. Се чини, јануарски трансфер на нашиот чувар на мрежата е најдобра опција за сите.

Се вчитува...