Во Вардар очигледно не можат без рокада на тренери. Треба да се испробаат сите, и тоа на речиси сите работни места. Тоа е така уште откако газда Сергеј Самсоненко се симна крај аут линијата во машкиот тим. Сега на ред дојде Шпанецот Парондо.
На сајтот на ЖРК Вардар се вели, европскиот ракометен вицепрвак Вардар од денеска има засилување во стручниот штаб. Нов асистент на тренерот Ирина Дибирова во иднина ќе биде Роберто Гарсија Парондо, кој ќе биде на клупата заедно со Аце Станковски.
Парондо е и актуелен помошник на Раул Гонзалез во машката сениорска репрезентација на Македонија, и поранешен ракометар на Сиудад Реал. Тој настапуваше за унгарскиот клуб Будакалаш, а претходно за ПИК Сегед. Тој е третиот шпански тренер во Вардар, по Раул Гонзалез и Давид Дејвис Камара.
Првите натпревари за Парондо на клупата на Вардар ќе бидат на турнирот од регионалната ВРХЛ лига следната недела во Подгорица.
Фото: www.zrkvardar.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА