Во земјата на мајмуните, со стадион до авионите, по неизбежен триумф… – но, без потценување!

ЕКИПА во Гибралтар,

Владимир Булатовиќ

Македонија, малата земја на јужниот дел од Пиринејскиот полуостров наречена Гибралтар подетално ја запозна пред четири години кога првпат македонската селекција се соочи со нивната фудбалска репрезентација тогаш во Лигата Д од Лигата на нации. Сега, повторно не чека пресметка, но во Лигата Ц од Лигата на нации, во битката на патот кон ЕВРО 2024.

А, кој е Гибралтар? Се работа за мала британска прекуморска територија која се одвоила од Шпанија во 1704 година за време на Војната за шпанското наследство. За време на Втората светска војна, пак, речиси комплетното цивилно население е евакуирано во Лондон, но и во афричката земја Мароко која е во непосредна близина до Гибралтар, како и во Јамајка. А, препознатливата „Карпа“ е користена како тврдина која никогаш не е освоена од нацистичките единици. Всушност, токму и некоординацијата на шпанскиот диктатор Франко и германските нацистички единици резултираше со пропаѓање на Операцијата Феликс за освојување на Гибралтар.

Комплетната независност ја добива во 1967 година кога преку референдум, жителите на овој полуостров гласаат независност спротиставувајќи се тогаш на Генерал Франко да ги припои кон Шпанија. Денеска во Гибралтар живеат околу 35.000 жители, главно Гибралтарци кои се под закрила на Велика Британија.

Гибралтар, всушност преку својата препознатливо впечатлива „Карпа“, е единственото природно живеалиште на мајмуните од видот Макаки на континентот Европа, кои се веќе припитомени до таа мера што се безмалку постојано и меѓу локалните жители на полуостровот.

Македонија пресметката со Гибралтар ја очекува на „Викторија стадион“ (капацитет од 4.000 седишта), со терен со вештачка трева, кој, интересно, се наоѓа буквално до аеродромската писта.

Ограничениот простор на оваа мала земја едноставно наложува и аеродромската писта да биде поделена со главната сообраќајница која води од границата кон центарот на градот.

Домашните фудбалери се навикнати на авионите и за време на натпреварите, а македонските репрезентативци ќе мора да се навикнат притоа фокусирајќи се единствено на желбата со три бода да го напуштиме југот од Пиринеите. Секако, за да се стигне до нив, ќе треба без нималку потценување на противникот да се даде максимумот за победа. Затоа што, колку и да ни изгледа сето ова само како едно егзотично патување во интересна земја која не е нешто претерано по фудбалот, сепак триумфот на терен ќе мора да се заслужи!

 

Се вчитува...