Капитенот Војдан Стојановски не губи верба дека Македонија ќе успее да обезбеди добар резултат на последните квалификациски натпревари и да обезбеди пласман на Евробаскет. Двата порази во минатиот февруари значително ги намалија шансите, но „црвено-жолтите“ се оптимисти дека ќе успеат да стигнат најмалку до една победа (над Естонија).
Војдан Стојановски е присутен од првиот ден на овие подготовки, што ќе биде одлична можност за воигрување со новиот Американец во националниот тим, Џејкоб Вајли.
„Ако не верувам во успех, нема да сум тука, со соиграчите. Во Перм ќе одиме од натпревар во натпревар. За мене е доста важно што сите играчи се во некоја натпреварувачка форма, без оглед каде настапуваат во изминатиот период. Со добра атмосфера и давање на 200% од нашите можности можеме да дојдеме до тоа Европско првенство. Уште едно во нашите кариери“, изјави Војдан Стојановски.
Главен проблем за нашите кошаркари ќе биде пеколниот распоред, бидејќи во Перм ќе одиграат четири натпревари во рок од пет дена.
„Ќе излажам ако кажам дека ќе биде лесно… Не, ќе биде навистина напорно. Но, за мене е поважно да сме здрави и живи, и во Перм да бидеме комплетни. Турнирот во Перм според оној интензитет на играње е едно мини Европско првенство. Како една група од ЕП во која за кратко време се одигруваат доста натпревари, а тоа носи дополнителна потрошувачка на енергија“, истакнува капитенот на националниот тим.
Според Стојановски, погрешно е ако целото внимание се насочи кон последниот дуел со Естонија.
„Излегува така, дека сите мислиме само на тој натпревар. Не би се сложил со тоа. Ова е национален тим на Македонија кој треба да пружа максимум на секој натпревар. Зошто не би победиле некој од тие дуели со Италија или со Русија, па дуелот со Естонија да го чекаме во некоја порелаксирана атмосфера, без некое ‘морање’. Нема откажување. Ќе пробаме да ги искористиме сите шанси кои ќе ни се укажат во Перм“, вели Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА