Среќата не им беше наклонета на македонските кошаркари при денешното извлекување на групите за квалификациите за Евробаскет 2021, во кои нашиот национален тим ќе се сретне со Русија, Италија и со Естонија. Јасно е дека Русите и Италијанците се фаворити за првите две места, а Македонија ќе води битка со Естонија за третата позиција, која исто така носи билет на континенталниот собир.
„Групата е многу тешка. Италија и Русија се кошаркарски велесили против кои ќе имаме исклучително тешка задача, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Со напорна работа ќе се подготвиме најдобро што можеме и ќе дадеме се од себе на секој натпревар. Естонците ни се должници по двата порази во последните квалификации, сакаме да им вратиме, но мора да се потенцира дека станува збор за сериозна репрезентација“ – изјави капитенот Војдан Стојановски за ЕКИПА веднаш по ждрепата.
Македонија овој квалификациски циклус го стартува со домашен меч против Естонија на 20/21 февруари 2020 година, по што три дена подоцна ќе следи гостување во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА