Капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, ги потврди лошите вести од Франција – дека заработил сериозна повреда на коленото по што сега го очекува повеќемесечна пауза од кошаркарските терени. Асот на Гравелин Данкерк настрадал при една наивна ситуација за време на тренинг, но за жал деталните лекарски прегледи само ја потврдиле лошата вест за нашиот интернационалец.
Паузата при ваков вид на повреди изнесува најмалку шест месеци, што значи дека Стојановски ќе ги пропушти претквалификациите за новиот циклус закажан за август.
„Се случи во оние моменти кога најмалку очекуваш, односно кој не може да се повреди. Почувствував како левото колено ‘излезе’ од некоја нормална положба. Знаев дека нешто не е во ред, и како што треба. Лекарскито тим веднаш организираше снимање со кое беше потврдено кинење на предниот вкрстен лигамент на коленото. Тоа е животот, ако ништо друго ќе земам одмор, макар и ваков, кој ми беше потребен. Се надевам дека во наредните денови менаџментот на клубот ќе ја организира операцијата. Сакам да го решам тоа што е можно побрзо. Да влезам во процес на рехабилитација, и да се вратам посилен од било кога “- изјави Војдан Стојановски за официјалната веб-страница на КФСМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА