Војдан Стојановски и тимот на Бетис ја прекинаа серијата порази што траеше повеќе од два месеци, откако попладнево триумфираше на гостувањето против Фуенлабрада со 67-72. „Зелено-белите“ својот последен триумф го имаа забележано на 8 јануари, кога ја совладаа Уникаха, но Стојановски и соиграчите овојпат заиграа на посакуваното ниво, го издржаа притисокот од противниците и стигнаа до посакуваната победа која им е од огромно значење во битката за опстанок. Македонскиот репрезентативец го заврши натпреварот со четири поени, три скока и една асистенција, прескромен ефект за играчот кој вообичаено е еден од лидерите на тимот на Бетис.
Хувентуд претрпе убедлив пораз на домашен терен од Барселона (56-76), меч во кој Ненад Димитријевиќ одигра неполни десет минути за домашниот тим. Хувентуд мечот го загуби со очајната трета четвртина што гостите ја добија со 6-29, решавајќи ги сите дилеми околу победникот. Младиот македонски кошаркар го заврши мечот со шест поени против каталонскиот гигант, со две погодени тројки од три обиди во второто полувреме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА