Војдан: Нено ќе ни биде од огромна помош, но клучно е да го подобриме скокот

ЕКИПА во Клаипеда,

Стеван Цаневски

Заморот по долгиот пат веќе е зад нашите кошаркари кои вчера попладне пристигнаа во Литванија. Од денеска кошаркарите се враќаат и во тренажен процес, за финални корекции во играта во однос на првиот меч во Скопје. Јасно е дека Литванците повторно ќе ја имаат фаворитската улога, но нашиот капитен Војдан Стојановски верува во македонскиот национален тим, дека можеме да одиграме поквалитетно на ова гостување, особено ако се поправи главниот проблем – скок играта.

„Знаеме како треба да одиграме, исто како во второто полувреме во Скопје. Чудниот судиски критериум и преагресивната игра што беше дозволена од арбитрите придонесе рано да се најдеме во голема негатива, но сметам дека таа лекција е научена, овојпат ќе одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без преголеми осцилации. Она што е од исклучителна важност е скок-играта, не може да очекувате позитивен резултат ако имате 20 скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот, но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас од надворешната линија, сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично“, изјави капитенот на македонската репрезентација.

Голем плус за нашата репрезентација во однос на тој прв натпревар е враќањето во националниот тим на Ненад Димитријевиќ, кој доцна синоќа пристигна во Клаипеда и се приклучи на остатокот од националната селекција.

„Сите многу добро знаеме каков играч е Нено Димитријевиќ и јасно е дека ќе ни биде од огромна помош на овој дуел. Самото негово присуство и сигурноста во организацијата на нападите ќе ни даде сигурност, но и слобода на сите останати и верувам дека ќе одиграме поквалитетно и поефикасно во нападот благодарение на Димитријевиќ. Секако, противникот е исклучително квалитетен и ќе мора сите заедно да одиграме најдобро што можеме ако сакаме позитивен резултат, не смее се да зависи само од еден кошаркар“, вели Војдан Стојановски.

Се вчитува...