Војдан Стојановски е пример за сите не само во кошарката, туку и во македонскиот спорт, ас со богато меѓународно искуство кој секогаш е подготвен да го даде максимумот за репрезентативниот дрес.
Големиот ас дебитираше за Македонија во 2008 година и оттогаш со гордост ги брани боите на националниот тим, беше дел од најголемиот успех во историјата на Евробаскет 2011 во Литванија, а тука е да помогне и кога работите не одат најдобро, па сега сме принудени да бркаме резултат во претквалификациите.
„Имам кажано дека репрезентацијата ми има дадено многу во кариерата и јас секогаш ќе бидам тука за да помогнам. Среќен сум што сум повторно овде, ме радува што атмосферата е на највисоко ниво, имаме добри услови за работа, што е предуслов за добри резултати. Искрено, не ни е местото во оваа група на селекции, имаме многу поголем квалитет од нив, па сакаме тоа да го покажеме на терен и да бидеме први и да се пласираме во главните квалификации, со селекции кои се на нашето ниво“, вели Војдан Стојановски.
Според капитенот на македонската репрезентација, поседуваме квалитет што може да биде кренат на уште повисоко ниво во периодот што следи.
Андреј Јакимовски е пример – ужива во секој момент во репрезентацијата
„Славевме убедливо над Азербејџан, но искрено тоа не е мерило за квалитетот бидејќи сме далеку подобра селекција од овој прв противник во претквалификациите. Она што можам да го кажам е дека имаме добра група на момци кои работат напорно, гинат за секоја топка на теренот и покажуваат карактер, што е најава за уште подобри резултати во иднина. Јас сум убеден дека можеме да играме далеку поквалитетно, особено кога би биле комплетни со враќањето на Димитријевиќ и на Маслинко. Би го идзвоил и Андреј Јакимовски, кој е исклучителен квалитет кој ја прави репрезентацијата подобра. Ме радува што тој ужива, игра со срце за Македонија кога и да дојде и има исклучително позитивно влијание врз сите во националниот тим“, вели Стојановски.
Следен предизвик за Македонија ќе биде гостувањето против селекцијата на Ирска, дуел закажан за утре во Даблин.
„Ирците се поквалитетен противник од Азербејџан, но она што ние мораме да го сториме е да ја оправдаме фаворитската улога на терен. Најважно е да ја играме нашата игра, да покажеме 40 минути борба како против Азербејџан, ако го сториме тоа резултатот нема да изостане“, оптимист е Војдан Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

