Војдан Стојановски донесе нов триумф за МЗТ во АБА 2

Неверојатниот Војдан Стојановски го водеше македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром до нова победа во АБА 2 лигата откако денеска во балонот во Широки Брег славеше над Подгорица со 74-78.

Натпреварот почна израмнето, а по првите десет минути номиналните домаќини беа за нијанса подобри, па на првата поголема пауза заминаа со позитива од три поени 21-18. „Металците“ одиграа одлично во дефанзивата во втроиот период во кој на противникот му дозволија само осум поени, а на полувреме заминаа со двоцифрена предност од 29-39.

Избраниците на Васко Атанасов одлично продолжија и во третиот период во кој успеаја да стигнат и до највисоките плус 38-52. Сепак, следеше мал пад пред крајот на третата четвртина која доведе до тоа Црногорците во последните десет минути да влезат со негатива од само шест поени 51-57.

Црногорците никако не се предаваа на стартот на третиот период, па на пет минути до крајот по подолга пауза успеаја повторно да стигнат на само еден посед и да намалат на 63-66, по што следеше тајмаут на тренерот на македонскиот шампион, Атанасов. Ниту тајмаутот не помогна за тимот од Аеродром. Одличниот шут на Подгорица продолжи, а точно на четири минути до крајот тие стигнаа и до израмнување 68-68. ‘

Со поените на Војдан Стојановски МЗТ повторно стигна до предност 68-70, а откако две минути и двата тима не постигнаа ниту еден поен, тренерот на Подгорица Драган Радовиќ се одлучи да побара тајмаут. И кога никој не земаше одговорност да шутне, тука повторно беше Војдан Стојановски кој со тројка на минута до крајот донесе предност од 68-73 за „металците“. Натпреварот влезе во неизвесна завршница, но МТ сепак успеа да ја задржи позитивата и да слави со конечни 74-78.

Дефинитивно најдобар поединец во таборот на македонскиот шампион беше Војдан Стојановски кој мечот го заврши со 26 поени и седум асистенции, а го пратеше и Душан Танасковиќ со 20 поени. Кај поразените недовлни беа 27 поени на Слај Брендон.

Се вчитува...