Војдан: Треба да се гледа на долги патеки, подмладувањето е вистински потег

Македонската репрезентација вечерва ќе означи старт на подготовките за новиот квалификациски циклус, групната фаза за пласман на Евробаскет 2021. Селекторот Тодоров го објави списокот од 15 кошаркари одржувајќи го зборот за најавеното подмладување, а капитенот Војдан Стојановски смета дека тоа е вистински потег.

„На списокот на селекторот има многу млади кошаркари, мислам дека тоа е добро, така треба и да биде. Во модерната кошарка тимовите ги краси енергија и голема борбеност, а помладите играчи можат да го донесат тоа. Мора да се гледа на подолги патеки, затоа и младите треба да играат, да собираат искуство и така да напредуваат во кариерата, како во репрезентацијата, така и во клубовите“, изјави Стојановски.

Тој пред крајот на ланската година се пресели во По Ортез, минатиот месец потпиша договор со Данкерк, каде експресно се наметна како лидер на тимот, но проблем претставува губитничката серија на оваа екипа што Стојановски не успева да ја запре.

„Задоволен сум од моите лични игри, но не и како котира мојот тим на табелата. Мислам дека има простор за напредок и дека по репрезентативната пауза ќе влеземе во победнички ритам. Француската лига е исклучително силна, исполнета со контакт е жестоки дуели, во многу работи наликува на шпанската“, вели македонскиот интернационалец.

Прв ривал на Македонија во овие квалификации на 20 февруари во Скопје ќе биде селекцијата на Естонија.

Едно е јасно, нема да ни биде нималку лесно. Естонците се репрезентација што игра модерна, исклучително брза кошарка и не смееме да им дозволиме да влезат во ритам. Треба да се подготвиме, да играме многу брзо, да не им дозволиме лесни поени во транзиција“, предупредува капитенот на македонската репрезентација.

Се вчитува...