„Војна“ меѓу Ангеловски и Пандев – Фрчат навреди: „Фудбалски стаорци во ФФМ…, Шарлатан, замислен ‘патриот’“

На денот на промоцијата на новиот македонски селектор Гоце Седлоски, но и во моментите кога македонскиот фудбал тагува за загубата на една од своите најголеми фудбалски легенди Васил Рингов, крајно изненадувачка војна на социјалните мрежи меѓу поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски и капитенот од времето на неговото селекторување и негов близок куќен пријател, Горан Пандев.

Ангеловски се огласи на својот фејсбук профил очигледно незадоволен со изборот на Гоце Седлоски за нов македонски селектор, истакнувајќи дека зад таквата одлука се кријат, како што вели, „фудбалски стаорци“, а не Комисија на ФФМ, притоа нарекувајќи го Седлоски „ни риба ни девојка“.

„Селекторот Гоце Седловски ни риба ни девојка! Несериозен пристап на раководството на ФФМ заедно со УО најпрво со селекторот Благоја Милевски а сега и со изборот на новиот селектор Гоце Седловски за клучните натпревари за пласман на Светско првенство кој претставува НАЦИОНАЛНО ПРАШАЊЕ! Комисија или одлука на УО на ФФМ сеедно е!“ – вели Ангеловски и дополнува:

„При избор на селектор треба да се има сериозен пристап. Таа функција не трпи пресметки како за избор на гувернер на национална банка на една држава каде се “регулираат парите во оптек”. Вие не правите разлика, важно е само личните интереси да Ви бидат задоволени. Ваков скандал колеги “мои” кои сте во комисијата и сакате да се амнестирате Ве молам да не ми се јавувате! Одважете се и излезете јавно! Сите сте докажани, реализирани фудбалски професионалци! Зошто дозволувате да бидете пандан зад кој се кријат “фудбалски стаорци”. После се што слушнав на денешниот семинар за тренери носители на про-лиценца кој се одржуваше во исто време кога беше промоција на новиот селектор во хотелот Хилтон и тоа од моите колеги кои беа во огромен број е причината да излезам јавно и да го изнесам мојот став. Ако еден зборува тогаш или е до него или е до тебе. Ако двајца или повеќе зборуваат тогаш г. Омерагиќ треба да се замислиш. Mакедонскиот фудбал ова не го заслужува! Игор Ангеловски – поранешен селектор на Македонската Фудбалска Федерација кој заедно со целиот стручен штаб, играчите, техничкиот и медицинскиот персонал го постигна најголемиот историски успех во македонскиот фудбал. ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО!“.

Веднаш набрзо на овој став на Ангеловски следи и одговорот од Горан Пандев…

„Се јави големиот селектор, големиот „патриот“. Не дочека ни шест часа да почне да плука… Замислениот Наполен. Експертот кој во последните години во ниеден клуб не се задржа повеќе од 2-3 месеци. Шарлатан кој секогаш се става  во прв план. Ајде со мене во пензија доста ти беше, помина времето на шуто и рогато во ФФМ“ – напиша Пандев на својот Инстаграм профил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Goran Pandev (@goranpandev19)

Игор Ангеловски, беше селектор кој го врати Горан Пандев  во македонската репрезентација откако претходно се откажа од националниот дрес во време кога Илчо Ѓорѓиоски беше претседател на ФФМ. Беа заедно цврсто и во „војната“ за смена на поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, со поддршка и од тогаш владеачката СДСМ, за да сега очигледно не делат еднакви ставови кога е во прашање иднината на македонскиот фудбал.

Се вчитува...