„Војна“ со Емери – Озил не дојде ниту да го гледа Арсенал

Арсенал ја забележа првата победа во новата сезона, но во тимот против Вест хем не се појави Месут Озил. Германецот не беше ниту на клупата за резерви, а не се појави ниту во ложите на трибините од „Емирати“, а според последните информации не станува збор за болест како што се шпекулираше во текот на вчерашниот ден, туку за конфликт што поранешниот германски репрезентативец го имал со Унаи Емери.

Шпанскиот стратег не криеше дека очекува многу повеќе од она што Озил го прикажа во првите две кола, а во изминатата седмица дошло и до сериозен конфликт на еден од тренинзите, по што Месут бесен се упатил кон соблекувалната.

Според ЕСПН, повикувајќи се на извори од таборот на „топчиите“, на најплатениот фудбалер на Арсенал му било кажано дека нема да биде стартер, по што уште повеќе се разбеснил, па решил и воопшто да не доаѓа на стадионот и да ги бодри неговите соиграчи против Вест хем.

Емери важи за тренер со строги принципи кои наметнува авторитет кај своите фудбалери, тоа не му успеа лани во ПСЖ кај Нејмар, па останува да се види сега неговата реакција и решението на конфликтот со Озил.

Се вчитува...