Барселона триумфално ја почна одбраната на титулата во Ла Лига откако каталонскиот гигант славеше со 0-3 на гостувањето против Мајорка. Мечот го одбележаа пеколните први 45 минути, судискиот превид при вториот гол на Барса, како и двата црвени картони што потоа набрзина ги добија нервозните домашни фудбалери, по што каталонците немаа тешка задача рутински да го приведат мечот до крај.
Барса подобро го отвори мечот и во раната фаза поведе, Јамал маестрално нафрли од десната страна, а Рафиња со глава го постигна првиот овосезонски погодок за каталонскиот гигант.
Страстите зовреа при вториот гол што го постигна Феран Торес, откако домаќините со право протестираа дека играта мораше да биде претходно прекината од главниот судија. Се почна од силен удар на Јамал кој заврши во главата на еден дефанзивец на Мајорка, кој остана како покосен да лежи на теренот. За иронијата да е уште поголема, судијата веднаш го стави свирчето во уста, но реши да почека и да не свирне додека домашниот играч лежеше. Во тие неколку секунди топката дојде до Феран Торес, кој со мајсторски удар од работ на шеснаесетникот ја смести во мрежата. Залудни беа поплаките од домашниот табор, судијата направи очигледна грешка што не ја запре играта, по што едноставно немаше аргумент да го поништи голот.
Видно нервозни, фудбалерите на Мајорка влегоа во погруби стартови, па набрзина останаа со деветмина на теренот, најпрвин Морианес поцрвене поради два жолти картони, а шест минути подоцна патот кон соблекувалната му беше покажан и на Муричи, апсолутно заслужено по еден брутален старт врз главата на гостинскиот голман.
Предноста од двајца играчи повеќе придонесе Барса целосно да доминира во второто полувреме, но каталонците и покрај бројните удари едвај успеаја да постигнат само уште еден гол, ремек-дело на Ламин Јамал буквално во последните секунди од мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

