Војна во Рома: Кој ќе си замине, Џеко или тренерот Фонсека?

Един Џеко нема да настапи за Рома на дуелот против Специја, откако тренерот Пауло Фонсека на вчерашната прес-конференција обелодени дека босанскиот голгетер е повреден. Весникот „Газета дело спорт“ тврди дека Фонсека излажал со изјавата, прикривајќи ја вистината – Џеко имал голема караница со тренерот, по што неиграњето со Специја е казна за искусниот напаѓач.

Фудбалерот бил бесен, а веднаш реагирал и кај клупските директори, барајќи трансфер уште во јануарскиот преоден рок. Време нема премногу, само уште осум дена, но раководството на Рома е во дилема дали да се раздели од својот капитен, или пак од тренерот Фонсека. Шпекулациите за смена на Фонсека се активни уште од стартот на сезонава, но станаа уште погласно по фијаското на градското дерби со Лацио и елиминацијата од Купот на Италија од Специја. Медиумите тврдат дека веќе се преговара со Масимилијано Алегри, а доколку екс-тренерот на Јуве и Милан ја прифати понудата, тогаш Фонсека експресно ќе добие отказ, а Џеко ќе остане како лидер на тимот.

Пресуден може да биде и денешниот меч со Специја, за кој Фонсека нема да може да смета ниту на Мхитаријан, Педро, Миранте, Фацио и Жезус.

Се вчитува...