Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) и претседателот Александар Маленко преку допис до Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, МОК и АМС информираат дека Агенцијата за млади и спорт врши упад спротивното на позитивни домашни законски регулативи во функционирањето на ПФМ преку повик за Вонредно собрание на федерацијата на која треба да се разрешат состојбите во мак-пливањето.
Во дописот потпишан од претседателот на ПФМ, Александар Маленко се наведува дека директорот на АМС, Дарко Каевски и раководителот за спорт во АМС, Томче Андоновски ја злоупотребуваат службената должност прекршувајќи го и Законот за спорт со мешање во работата на национална федерација.
ДОПИСОТ ОД ПФМ…
Но, наспроти овие тврдења од Пливачката федерација на Македонија, директорот на АМС, Дарко Каевски тврди дека неговиот потег е исправен, а истиот е исклучиво законски во интерес на спортот.
Изненадувачки, Каевски информира дека Александар Маленко се уште не е официјално, правно-законски, претседател на ПФМ а раководството е нелегитимно за што доказ е Централниот регистар на РМ каде со денешен датум се уште предводник е претходниот претседател…
„Изненаден сум од ваквиот став, но сметам дека јавноста треба да ја знае вистината. Говориме за федерација која е водена како приватна фирма, федерација која десет години нема поднесено завршна сметка. Според актуелните закони на РМ, ако две години немате завршна сметка на еден ваков субјект, треба да следи процедура за стечај. Ние не сакаме да поднесеме една таква иницијатива за згаснување, туку бараме начин овој спорт не само да опстане, туку и да се врати на старите патеки. Факт е дека ова е федерација што е избрана со нелегитимно раководство, за што најдобар доказ е Централниот регистар, каде со денешен ден добив извод во кое за предводник е наведен претседателот за кој Маленко вели дека е поранешен. Говориме за спорт во кој клубови што имале над 50 деца и учесници, а немале право на глас на собранијата кои биле водени како приватни федерации“ – вели Каевски за ЕКИПА.
Воедно, Каевски објаснува дека АМС нема сопствена иницијатива, туку дејствува по барањето на 15 пливачки клубови за избор на легитимно раководство на Пливачката Федерација на Македонија.
„Агенцијата за Млади и Спорт како најголема спортска институција на државата само постапува по барањето на 15 клубови, од вкупно 25 кои имаат документ и потврда за извршување дејност спорт – пливање. И самите клубови наскоро ќе излезат со свое соопштение, а наша цел е во една нефункционална федерација да биде избрано раководство кое што ќе биде легитимно и прифатено од самите нејзини членки, по што истото ќе биде запишано и во Централниот Регистар. Ако на легитимно собрание биде избран Александар Маленко, тој од моја страна и од страна на АМС ќе биде апсолутно прифатен како предводник на македонското пливање. Јас како директор работам исклучиво во интерес на спортот, а што се однесува до заканите за тужби и истраги, едвај чекам да дојде до нив за да можеме да ги соочиме фактите и да се види кој всушност е во право“ – дециден е Каевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА