Карим Бензем никако не успева да се адаптира на животот во Саудиска Арабија откако францускиот ветеран минатото лето си замина од Реал Мадрид и потпиша богат договор со Ал Итихад.
Тој покажуваше потпросечни игри на теренот, во меѓувреме влезе во конфликт и со тренерот кој поради него доби отказ, но односот на Бензема не се промени и откако беше доведен нов кормилар – аргентинскиот стратег Марсело Галјардо. Згора на тоа, Французинот задоцни 17 дена на подготовките на екипата, поради што Галјардо веќе стави до знаење дека не му е потребен во наредниот период, а клубот бара начин да го реши овој сериозен проблем со една од најголемите ѕвезди кои минатото лето дојдоа во Саудиска Арабија.
Бензема самиот понудил решение, поднесувајќи барање да си замине од клубот, и тоа краткорочно. Ова фактички би значело тој да добие зелено светло за да се врати на шестмесечна позајмица во Европа, по што во текот на летото би се вратил во Ал Итихад и би бил на располагање за наредната сезона.
Челнциите на клубот му понудиле тој да си отиде од Ал Итихад, но позајмицата да биде во друг клуб од Саудиска Арабија, што било експресно одбиено од страна на голгетерот.
Неговата желба е и повеќе од јасна – камбек во некој од европските клубови кои покажаа интерес (во преден план беа Челси, Њукасл и Лион), па сега на газдите од Саудиска Арабија е да донесат одлука – дали да му го прифатат барањето или да инсистирааат на негово останување во клубот каде Бензема веќе сериозно ги наруши односите и со соиграчите и со новиот тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

