Реал Мадрид и Барселона вечерва ги очекува пресметката во финалето во Купот на Кралот. Новото „ел класико“ почна со силни напади кон судиите од страна на „кралскиот клуб“ и прес-конференции кои предизвикаа тензии.
Реал, откако имаше можност и да го бојкотира финалето – што ќе беше вистински преседан, објави дека секако ќе го игра финалето во Севилја. Но, ги откажа сите обврски поврзани со финалето, тренингот, прес-конференцијата, официјалното фотографирање и церемонијалната вечера. А објави и соопштение кое се толкува како обид за притисок судиите да бидат заменети.
Сега, пак, се вмеша и првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас кој жестоко го нападна Флорентино Перез, иако во една „поетична форма“ без да го спомне првиот човек на тимот од Мадрид.
„Ова не е фудбал. Ова е желба за контрола. Не го сака Тебас – затоа што Тебас не го прави тоа што тој сака. Не го сака Чеферин – затоа што Чеферин не го прави тоа што тој сака. Не го сака Луис Рубијалес – затоа што Рубијалес не прави тоа што тој сака. Не ги сака ТВ-коментаторите – затоа што не зборуваат тоа што тој сака да слушне. Не ги поддржуваат реформите во судењето – затоа што не се тоа што тој сака“ – пишува Тебас, и дополнува:
„Како реагирааа? Со откажување. Го откажуваат тренингот. Ја откажуваат прес-конференцијата. Ги откажуваат официјалните активности на Купот. Им пушта на своите медиуми дека можеби воопшто нема да игра. Тој не протестира – тој врши притисок. Тој не се жали – тој се заканува. Тој не изразува несогласување – тој казнува. Тој не сака да го подобри фудбалот – тој сака да го поседува фудбалот.“
Како што е познато, Реал во четвртокот силно ги нападна судиите преку сопствената телевизија, каде беше емитувано видео во кое директно се таргетираат арбитрите назначени за финалето, главниот судија Рикардо де Бургос Бенгочеа и ВАР-судијата Пабло Гонзалес Фуертес. Судиите потоа свикаа прес-конференција на која емотивен настап имаше токму Де Бургос Бенгочеа, кој со солзи во очите зборуваше за тоа низ што поминува неговото семејство, особено неговиот син во училиште.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА