Војновиќ и Тодоров во „ПРЕСИНГ“: „Ваучер-системот е погрешен… Државата не треба да финансира клубови кои се натпреваруваат само во Македонија!?“ (ВИДЕО)

Едни од најистакнатите македонски кошаркарски имиња, поранешниот репрезентативец и директор на МЗТ Скопје, Ѓорѓе Војновиќ и поранешниот македонски селектор Александар Тодоров во најновиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, меѓу другото, и на темата околу ваучер-системот во Македонија и вклученоста на државата како начин за помагање на спортот, но и интересот на бизнис-секторот за влез во македонскиот спорт.

И Тодоров и Војновиќ, едногласно, сметаат дека ваучер-системот, иако можеби е со добра замисла, ја немал очекуваната реализација. Според нив државата нема апсолутно никаква потреба да дава пари на бројни клубови кои си играат по македонски првенства. Клубовите, и нивните управи, едноставно се должни сами да наоѓаат спонзори и инвеститори. Во спротивно, и нека не се натпреваруваат…

„Зошто државата е должна да финансира во клубовите кои играат македонско првенство? За мене ваучер системот е погрешен и непотребен. Работа на еден претседател или директор на клуб, на една управа на клуб е прво да создаде бизнис модел, да го развие тој клуб и второ да создаде продукт што ќе може да привлече спонзори и инвеститори“ – вели Александар Тодоров и дополнува:

„Ние, прво, во кошарката во моментов немаме продукт. Погледнете ги последните финалиња во Купот, или пак квалитетот на екипите. Тоа не е продукт. Продукт е да направиш нешто во кое свое место ќе најдат и деца и семејства, ќе се активира и социјалната и хуманитарната компонента на спортот… Да, ете, и нека нема пари од државата. Во ред. Можеби нема фирма што ќе ми даде сто илјади евра, ама ќе најдам десет фирми што ќе ми дадат по десет илјади евра. Но, секако ниту една компанија не би дала пари ако не им презентираше бизнис модел кој го предлагаш, а компанијата да знае што добива“.

Еднакво е мислињето и на Ѓорѓе Војновиќ…

„Јас бидејќи апсолутно не го поддржувам ваучер системот, како компанија ние ниту еднаш не дадовме спонзорство за да користиме ваучер. Не сакавме. Ние сме компанија која што е општествено одговорна, која што сака да си ги исполни сите обврски кон клиентите и кон државата… Тоа е принципот на работа кој што функционира. И, бидејќи јас самиот, како прв човек на компанијата, заедно со мојот тим, не верувам во ваучер системот, самиот нема да го користам. Тоа затоа што мислам дека не беше исправен. Можеби имал добра замисла, но имаше катастрофална реализација“.

Војновиќ, кој е и Извршен директор на најголемата осигурителна компанија во Македонија и регионот „Триглав осигурување“ која е и истакнат помагател на спортот изминатива години, оваа тематика ја разгледува и од двете страни…

„Лично, имам искуство и од таа и од таа страна: И кога сум барал пари, како дел од раководство на кошаркарската федерација и на МЗТ Скопје, и сега кога формално треба да ги одобриме тие спонзорства. Не ги давам јас средствата, затоа што тоа не се мои, но се пари на компанијата. Но, она што сакаме да го видиме со нашиот тим е продуктот…. Пa, имаме фаза на одлучување, и на тоа сме посебно горди како тим од Триглав, поддржувајќи во секоја ситуација во која гледаме дека нешто се поставува на здрави основи и почнуваме да ја поддржуваме таа приказна. Ние сме првите спонзори на женскиот ракометен клуб Вардар. Во оние години, никој не веруваше дека Вардар ќе дојде до врвот… Но, ние знаевме дека кога таму пристигнаа Гоца Нацева, Индира Кастратовиќ, Тања Медвед, дојде Сергеј Самсоненко, дека ќе биде успешна приказна. И ние бевме први спонзори на Вардар, и на едниот и на другиот ракометен клуб… Значи, за нас во компаниите е важно да видиме која е приказната и што може да допринесеме таа приказна да биде успешна“ – вели Војновиќ, притоа дополнувајќи:

„Да, поддржуваме и мали спортови. Тоа влегува во делот на општествена одговорност, да поддржиш маргинализирани групи, да поддржиш помали спортови, да поддржиш индивидуални спортисти. Нормално, таму и средствата се полимитирани и помали. Но, она што ние го направивме во МЗТ, ние отидовме со портфолио. Значи, како треба и што спонзорот ќе добие за парите кои што ги дава. Која е видливоста, кој е бенефитот, која е социјалната приказна, која е корпоративната приказна, каде се поклопуваме со вредностите. Ти треба кога ќе одиш да бараш пари од Триглав, треба да видиш која е визијата на Триглав, треба да видиш кои се вредностите што ги цени. Мораш да ги инкорпорираш тие за да можеш да побараш пари. Од друга страна, ние можам да кажам дека сме горди што сме и дел од една приказна и во ракометот, иако сум јас кошаркар. Но, зошто? Затоа што знаеме дека системот кој што го изградија во Ракометната федерација носи континуиран успех. Системот, кој што сега се гради во ракометниот клуб, носи и веруваме дека ќе донесе континуиран успех. И мора да разберат спортските работници дека не смеат да дозволат да зависат од државата. Државата на кого попрво да даде?“ – коментира Ѓорѓе Војновиќ.

Тодоров е категоричен дека оние клубови, и нивни претседатели, директори…, кои не можат да пронајдат спонзори и инвеститори тогаш и нека не се натпреваруваат…

„Финансирање од држава во спорт не постои. Не постои. Државата е таа можеби која треба да создаде услови било која компанија што сака да инвестира во спорт да добие даночни олеснувања. Меѓутоа, мора да се знае што е функцијата сега на еден клуб. Да, државата може да ми даде награда ако играм во Европа, ако освојам некое европско натпреварување. Не зборуваме тука за АБА 2 и да се „возуркаш“ со автобус по екс-ју паланките. Државата треба да даде некои олеснувања на спонзорите, треба да инвестира во спортски објекти, дефинитивно, и треба да инвестира во федерациите, бидејќи тие федерации ја претставуваат државата надвор. Се останато треба да зависи само од ангажманот на раководните лица на клубовите. Ако имаш добра управа ќе најдеш спонзори, ако немаш добра управа, па не се натпреварувај. Нека се натпреваруваат пет екипи што можат да соберат спонзори“ – вели Александар Тодоров.

РАЗГОВОРОТ ОКОЛУ ТЕМАТА ЗА ВАУЧЕР-СИСТЕМОТ И ВКЛУЧЕНОСТА НА ДРЖАВАТА ВО СПОРТОТ ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...