Кајл Вокер сака да го напушти Тотенхем, а градскиот ривал Челси е подготвен да исплати 40 милиони фунти за десниот бек. Англиските медиуми тврдат дека Вокер пред извесно време ја нарушил соработката со стратегот Покетино, поради што и по камбекот по повредата дел од средбите минуваше на клупата за резерви, додека шанса пред него добиваше Трипие. Дефанзивецот сега сериозно размислува за следен чекор во кариерата, а интересот од Челси е добредојден за Вокер да го промени клубот, но не и градот каде живее.
Конте е љубител на неговата игра, Вокер е силен десен бек и сигурно ќе ја засили конкуренцијата на позицијата десен бек, една од неколкуте во тимот што италијанскиот стратег планира да ги освежи во текот на летово. Конте бара втора опција за Мозес, бидејќи сезонава на располагање за таа позиција беше само Азпиликуета, а Шпанецот во текот на сезоната играше на централната бековска позиција.
Вокер во Тотенхем заработува 75.000 фунти неделно, Челси е подготвен да му даде и над 100.000 фунти неделна плата, а интерес за овој фудбалер искажува и Манчестер сити, кој бара наследник на Пабло Забалета. Сепак, ситуацијата во многу нешта ќе зависи и од раководството на Тотенхем, клубот со кого англискиот репрезентативец има уште четири години од актуелниот договор и кој сигурно ќе бара околу 35 милиони фунти за овој фудбалер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА