Волф предупредува: Хрватска е најопасна кога ќе ја отпишете…

Германија беше на работ на елиминација по шокантниот пораз од Србија во второто коло во Хернинг, но оваа селекција одговори на предизвикот, најпрвин се пласираше во главната рунда, за по вчерашната победа над Франција да обезбеди и место во полуфиналето.

Таму Германците ќе се сретнат со Хрватска, селекција што два пати ја победија во подготовките за овој шампионат, но голманот Анди Волф јасно стави до знаење дека неговата репрезентација в петок ќе има далеку потешка задача.

„Победите во подготовките не значат ништо, овојпат влогот е многу поголем. Ќе се игра со срце, а се знае дека Хрватите живеат од емоции, лани стигнаа до финалето на СП и покажаа дека се подготвени за најдобри резултати на големите натпреварувања. Имам огромна почит за нив, се вратија по поразот од Шведска и го освоија првото место во групата. Само се докажа, Хрватска е најопасна кога ќе ја отпишете, затоа ние не смееме да ја направиме таа грешка“, истакна Волф.

Се вчитува...